Паметникът на Андон Кьосев, наричан Кьосето или Велешанеца в Скопие. Кьосето е български революционер, а по-късно войвода на Вътрешната македоно-одринска революционна организация.
Оригинална публикация: Избори, Ќосето, и еден участок, Трибуна.мк
Поминаа уште едни избори за парламент во Бугарија. Петти за две години. Се гласаше и на територијата на Република Северна Македонија. Бугарите, кои го искористија своето право на глас, родени тука и оние дојдени овде по семејни или други причини покажаа дека се прозападно ориентирани и сакаат Бугарија да остане таму каде што припаѓа во НАТО и во ЕУ. Тоа се покажа не само од резултатите по гласањето, туку и од одредени изјави на самите гласачи, дадени пред отворено антибугарски медиуми.
„Патриотската“ телевизија „Алфа“ например живо се интересираше од тоа дали Бугарите што биле на гласање во Амбасадата на Бугарија во Скопје, се дискриминирани. Еден од најкрутите медиуми, кога се работи за Бугарија и Бугарите, доби од своите соговорници европски, да не речеме дипломатски одговори.
На никој се разбира не му текна, да им се извини на дамите Бугарки, кои културно одговорија на поставените прашања, за навредите од типот „две червени“, „чорапогашти“ и „мастики“. Тие се снаи тука и би требало веќе да се примириле со судбината нели? Никој не ги терал да земаат „горди“ Македонци за мажи и никој не смее да им се меша во „стокхолмскиот синдром“, стекнат низ долготрајното живеење меѓу Македонците. Тие научиле дека само со арно и убаво, со благ збор, ќе си ги решат сите проблеми, навикнати да бидат навредувани, плашејќи се да не го навредат својот агресор. Тие сочувствуваат со него. Ќе се средат работите, ќе биде поарно, не знаеме што се случи, многу арно си живеевме…
Ќе им се извини ли некој на тие дами?
Бидејќи во последно време е модерно да се бараат извинувања? Тие веќе го направиле својот избор, создале семејства тука, загрижени се за своите деца, роднини, комшии. Во неделата гласаа и за нов парламентарен состав на бугарското Народно собрание. Тие имаат право на избор, но немаат право да бараат извинување, оти нели се си течеше по мед и млеко, пред Софија да се разбуди и да почне да зборува за историјата, човековите права и за говорот на омраза кон Бугарите. Омраза, која се слуша и во самата интонација на прашањето „Дали вие сте дискриминирани?“.
Каков одговор очекуваат да слушнат колегите од „Алфа“? Да, а потоа и едно кратко предавање по темата? Ретки се тие кои би влегле во отворена конфронтација со новинар овде, уште повеќе кога се работи за толку чувствителна тема како таа да бидеш Бугарин во РС Македонија, без разлика дали си дојден или роден тука. Така е од речиси 80 години. Ако не верувате, запрашајте сѐ зошто едни од најголемите антибугари во Македонија се синови на Бугарки. Страшно било изгледа во Југославија и во Македонија да бидеш син на Бугарка, па требало на сите полиња да се докажуваш два пати повеќе дека си голем патриот и се разбира, антибугарин.
Во Македонија има многу деца од мешани бракови, кои се чувствуваат Македонци, а нивните мајки се Хрватки, Србинки, Словенки, Чехкини, Словакини, Полјакини, Русинки, Украинки и др, но никогаш не сме чуле, некое од тие деца вербално да застанало против татковината на својата мајка. А и нивните мајки биле од источниот блок и таму важел „бизнисот со мастиките и перлон кошулите“.
Да, има и некои други деца на Бугарки, веќе возрасни луѓе кои достојно го носат својот крст, но за возврат се објект на омраза од страна на медиумите и се разбира на социјалните мрежи.
Денес, можеби за нијанса атмосферата е малку порелаксирана, но не верувам дека е многу поразлична, барем за децата на Бугарите и Бугарките дојдени од „Стара Бугарија“. За децата на Бугарките родени овде, што не дошле од никаде, ќе пишуваме во наредна прилика. Нивните судбини не се ни помалку интересни, а Бога ми, ни помалку тажни…
Кметицата на Скопје Данела Арсовска не доби амин од градоначалникот на Центар Горан Герасимовски за враќањето на споменикот на Андон Лазов-Кьосето, на местото каде што се наоѓаше пред поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов да го „испрати“ во магацин на „Металски завод-Тито“ во Скопје. Арсовска не се појави на гласање за бугарските избори, иако нејзините политички ривали од СДСМ се обидоа да ја оцрнат со фактот дека е државјанка и на Бугарија.
Бугарскиот пасош на Арсовска одамна не е тема на разговор, но беше искористен за нејзино дискредитирање. За еден друг македонски Бугарин, чиј споменик беше дислоциран од главниот град ретко кој се сеќава. Што се случува со споменикот на Борис Сарафов? Дали истиот не е веќе претопен како старо железо? Имаме ли право да знаеме? Имаме ли право на избор, да ги испратиме спомениците на македонските Бугари Сарафов и Ќосето, таму каде што навистина ќе бидат почитувани?
Да се гледа на Бугарите овде како на пренесувачи на некаква заразна болест е прилично нова појава.
Се следи нивната бројка, се анализира, се иронизира. Само 169 Бугари од над 3000 запишани на пописот, се пријавиле за гласање на изборите за парламент во Бугарија. Од Телма дури нѐ информираат дека Бугарите ќе можеле да гласаат и без лични документи. Од истата телевизија ни кажуваат исто така дека гласачкото место во Прилеп, се наоѓало „на чекор“ од участокот, местото каде што „македонскиот народ“ се кренал во борба против фашизмот. Ова потсетува на онаа хистерија со клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, чие седиште се наоѓа во т.нар. еврејско маало.
Колегите од „Телма“ сигурно се информирани за судбината на еден од претставниците на „македонскиот народ“ од тоа време, а имено Душко Наумовски. Сигурно се запознати и со животниот пат на Аспарух Јосифовски, брат на Кузман Јосифовски-Питу, последниот, нарекуван Борко од неговата мајка, сестра на браќата Чкатрови, оти таа сакала нејзиниот син да се вика Борис. Аспарух, Кузман-Борис и Душко. Тројца претставници на македонскиот народ. Првите двајца крстени на бугарски кан и цар, а третиот оставен без ниту едно признание, оти „му фаќало рачето“, дотолку што и самите негови соборци се срамеле од него.
На крајот од денот, сѐ се сведува до изборот на македонските Бугари.
Дали на тие, кои на секаков начин се трудат да им го оцрнат народот од кој потекнуваат, да им вратат со добро, залудно надевајќи се на истото или пак да постапат поинаку. Тука е можноста да се борат со оцрнувачите во калта и да трпат напади од свои и од туѓи. Можат исто така да ги игнорираат (оцрнувачите) и да ги остават да се варат во сопствениот сос. Значи сепак, има избор!